Во Битола утре „Оригами шоу“ за магазинот „Лице в лице“

origamiiОнлајн магазинот Олабај, кој е локален промотор на 12-от број на уличниот магазин за активизам „Лице в лице“ во Битола, заедно со Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16, утре (30 октомври) организираат јавен настан „Оригами шоу” на Широк сокак, кај хотел „Епинал“, од 16:30 до 17:30 часот.

Темата на настанот е во иста насока како и темата која ја третира 12-от број на „Лице в лице“ – ангажираната страна на уметноста.

„Авторите на Оригами шоу имаат за цел да ве запознаат со социјалниот аспект на магазинот, со содржината на магазинот и да покажат што сѐ може да се направи со истиот откако ќе се прочита“, се наведува во соопштението од организаторот на настанот.

Во овој број на „Лице в лице“ можат да се прочитаат текстови кои се поврзани со темите за моќта и улогата на уметноста во трансформација на општеството, уметноста како став, издигнувањето над популистичкиот театар, промените што ги прави независната сцена, улогата на уметноста во работата со ранливите групи, добронамерните акции на маргините…

„Купувајќи „Лице в лице“ им помагате на многумина – како што се зголемува тиражот, повеќе луѓе добиваат можност да се тргнат од улицата и да го преживеат месецот. Онлајн магазинот Олабај е „место на креативна олабаеност, катедра за едукација на публика и енциклопедија за Битола“. Олабај и биди хуман, купи и читај „Лице в лице“!“, порачуваат Олабај и ФОРУМ 16.