Во Белград отворена изложба со предмети и приказни за детствата поминати во војна

Младинската иницијатива за човекови права-Србија синоќа ја отвори изложбата „Музеј на военото детство“, која е дел од првиот музеј во светот отворен во Сараево, кој се занимава исклучиво со воени приказни од перспектива на дете.

На неа е претставен дел од музејската збирка која опфаќа приказни од Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Косово, како и приказни од деца од Сирија, Авганистан, Ирак, кои престојуваат во кампови во БиХ и Србија, но и приказни од Украина собрани од музејот како дел од истражувачките активности.

Фото: YIHR Srbija

Па така, на пример, за прв пат во Белград ќе бидат претставени предмети и кратки видео-приказни за искуствата на децата за време на бомбардирањето во 1999 година.

Покрај ова, од младинската иницијатива ги повикуваат сите граѓани чие детство го одбележаа војните од 1990-тите или некои други војни, а имаат живи спомени, да донесат и да донираат свои експонати/предмети во музејската колекција и да ја споделат својата приказна што ги поврзува со тој период од животот.

Донираните експонати и приказни ќе станат дел од постојаната колекција на сараевскиот музеј на военото детство, кој истражува и изложува низ целиот свет, информираат организаторите.

Фото: YIHR Srbija

Оригиналната музејската збирка содржи повеќе од 5.000 експонати и над 300 часа снимени сведоштва од 15 различни војни.

Изложбата во Белград ќе биде достапна и на англиски јазик, а посетителите со деца ќе имаат на располагање специјални интерактивни водичи прилагодени за деца.

Изложбата ќе биде отворена за сите посетители од 29 март до 10 април, секој ден од 12 часот до 20ч.