Во Белгија Покемон Гоу се игра со книги, наместо со џебни чудовишта

Инспирирана од светски популарната игра Покемон Гоу, белгиска учителка создаде нејзина поедноставена верзија, која може сите да ја играат, но со книги, наместо со џебни чудовишта.

Авелин Грегоар направи Фејсбук група пред неколку недели, насловена „Chasseurs de livres“ („Ловци на книги“). Членовите објавуваат фотографии и загатки за тоа каде ја скриле книгата, за другите да ја бараат. Правилото на играта е оној што ќе ја најде и ќе ја прочита книгата, да ја „ослободи“ назад во дивината за другите играчи да ја најдат.

Таа за Ројтерс изјави дека идејата за играта ја добила кога ја средувала колекцијата од книги во нејзината библиотека и сфатила дека повеќе нема место за сите. Според неа, тоа е едноставен и паметен начин да се споделуваат книги и да се изгради заедница од читатели.

Во групата веќе членуваат повеќе од 50 000 луѓе, некои од нив веќе создале навика да ловат книги во текот на нивните дневни прошетки. Според коментарите во групата, очигледно е дека за играта се заинтересирани и луѓе од другите делови во светот.

Грегоар вели дека наскоро планира да направи и апликација за играта.

Во оние држави каде се уште не е развиена оваа идеја, единствено што треба да се направи е Фејсбук група.