Во Англија се воведува програма за намалување на калориите во брзата храна

Калориите во популарните оброци наскоро би можеле да бидат намалени како дел од новиот план на англиската влада.

Јавното здравство на Англија се надева дека ќе се воведе ваква програма со која ќе се остранат вишокот калории од храната што децата најмногу ја конзумираат, како готовата храна, пиците, бургерите, грицките и сендвичите.

Според надлежните, со намалувањето на шеќерот во одредени производи се направил вистински напредок.

Но, активистите ја искритикуваа стратегијата велејќи дека „мора да се потрудат повеќе“, особено по последните статистики кои открија дека повеќе од 600 деца и млади луѓе се дијагностицирани со дијабетес тип 2 во 2015/2016 година.

Од англиското здравство велат дека сега се фокусираат на намалување на вишокот калории во голем број производи, бидејќи возрасните конзумираат помеѓу 200 и 300 калории повеќе од што треба секој ден, а децата го следат нивниот пример.

Надлежните имаат за цел да го намалат шеќерот за 20 отсто во важни оброци до 2020 година, а воведоа и такса за безалкохолните пијалоци која ќе стапи на сила во април 2018 година.

Од Здравствената алијанса за угоеност, коалиција од повеќе од 40 светски здравствени организации, медицински лица и активистички групи, велат дека и покрај добриот напредок, потребни е уште многу да се направи.

Тие предупредуваат дека препораките треба да бидат проширени за да ги вклучат и заситените масти, заедно со мерки за да се намали влијанието на маркетингот за нездрава храна каде децата се главна мета.

„Добар напредок е постигнат изминатата година со силни мерки за намалување на шеќерот од оброци и пијалоци и се надеваме на амбициозни цели за индустријата да ја направи храната помалку калорична. Сепак, не можеме да го игнорираме фактот дека прехранбената индустрија продолжува да ги бомбардира децата со реклами кои знаеме дека ги охрабрува на нездрави совети за исхрана“, изјави Каролин Керни од Алијансата.

„Постоечките закони се полни со дупки и не го одразуваат тоа што децата го гледаат на ТВ или преку онлајн содржините. Неуспехот да се опфати оваа област значително го поткопува значењето на планот против угоеност кај децата“, додава таа.