Националната Федерација на Агенции за вработување (НФАПВ) апелира граѓаните да бидат претпазливи кога носат одлука за заминување на работа во странство и да не прифаќаат плаќање на било какви провизии и трошоци за агенциите.
Имено, според член 22, став 1 точка 4 од Законот за работни односи, и според Меѓународната Конвенција 181 за Приватните агенции за вработување, што Република Македонија ја има ратификувано, агенциите не смеат да наплаќаат никакви трошоци од кандидатите за вработување. Сите трошоци за вработување на лицата треба да се наплатат од компанијата/клиентот кадешто ќе се вработат лицата.
Националната Федерација на Агенции за вработување (НФАПВ) се залага за заштита на правата на работниците и е тело кое има за цел да ги претставува агенциите, да лобира за подобрување на законската основа, да соработува со домашните и меѓународните институции, како и да јакне капацитетите на своите членови за развивање на пазарот на вработување.
Нивното соопштение доаѓа откако во јавноста својата приказна ја споделија 150 студенти од неколку градови од Македонија кои тврдеа дека се измамени од македонската туристичка агенција „Венера Камаловски”,со седиште во повеќе градови во земјата. Според нив, од агенцијата им ветиле работа во Германија во бутиците на „Зара” и во рестораните на „Бургер Кинг”, но тоа никогаш не се случи, иако платиле за услугата.
Тие сега си ги бараат парите назад, околу 250 евра (првата од двете рати) кои ги дале за аплицирање и документацијата која им била потребна за да добијат дозвола, со што ќе можат да работат во Германија.