ВМРО-ДПМНЕ предлага да се смени Уставот: Брак исклучиво меѓу маж и жена

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието достави предлог за измени на Уставот, според кои бракот се дефинира исклучиво како заедница помеѓу еден маж и една жена.

Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ планира во Уставот да ја вгради можноста посвојувањето деца да биде дозволено исклучиво на заедница составена од родители од различен пол, како и од самохрани родители, информираше денеска пратеникот Влатко Ѓорчев.

Тој потенцираше дека со иницијативата, пратеничката група на владејачката партија побарала уставно дефинирање на бракот како заедница меѓу еден маж и една жена.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека оваа иницијатива во огромно мнозинство е поддржана од народот согласно традиционалните вредности и изрази надеж дека ќе биде поддржана од сите политички партии.

За да се донесат уставните измени, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да го поддржи и опозициската СДСМ, бидејќи за вакви интервенции е потребно двотретинско мнозинство.

Во Уставот на Република Македонија, член 40 до денеска пишува:

„Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон. Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители. Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа“.

Извор: Плусинфо