ВМРО ДПМНЕ ќе протестира, во Скопје посебен сообраќаен режим

Министерството за внатрешни работи информираше дека денеска со почеток во 17 часот ќе се воведе посебен сообраќаен режим во Скопје поради најавениот протест на ВМРО ДПМНЕ. Протестот ќе почне од плоштадот ВМРО, а ќе заврши пред Влада.

Најавената релација на движење на учесниците на протестот е од плоштадот „ВМРО“, десно по улицата „Даме Груев“, право по улицата „Васил Главинов“, право по булеварот „ВМРО“, лево по булеварот „Илинден“ до пред зградата на  Владата.

Поради воведениот сообраќаен режим, Министерството за внатрешни работи  упати апел  до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ денешниот протест го организира за одбележување една година по приведувањето на лицата осомничени за упадот во Собранието, на 27 април, 2017 година. Со протестот ќе побараат заминување на власта поради „партизирано судство, политички процеси, измислени случаи, сиромаштија, крахирана економија, девастирано образование, земјоделство кое пропаѓа, уништено здравство во кое луѓето не веруваат, криминал по улици, корупција во институции“.