„Влажност“ прогласен за најдобар филм на Синедејс

Филмот „Влажност“ на режисерот Никола Љуца е најдобар филм и добитник на „Златна ѕвезда“ во Официјалната селекција на 15. Фестивал на европски филм Синедејс, во која годинава се натпреваруваат осум филмови. „Влажност“ е копродукција на Србија, Холандија и Грција.

Наградите ги прогласи жирито сочинето од Чедомир Колар, претседател и Зринко Огреста и Игор Иванов, членови.

Според нив, филмот успева со оригинален филмски јазик да ја разобличи современата брачна заедница, прикажувајќи ги апсурдот и хипокризијата со кои се соочени денешните генерации во обидите да ги одржат традиционалните норми и вредности.

Наградата за најдобро сценарио му припадна на германскиот филм „Тони Ердман“, по сценарија и во режија на Марен Аде. За најдобра режија во Официјалната селекција пак беше награден Унгарецот Атил Тил за филмот „Убијци на тркала“.

Во селекцијата Синебалка, во која се натпреваруваа шест филмови, за најдобар е прогласен „Не зјапај ми во чинијата“, хрватско-данска копродукција во режија на Хана Јушиќ. Одлуката за наградата во оваа селекција ја донесе жирито составено од Если Ердем, претседател, и Нина Раковец и Дамир Чучиќ, членови.

Беше доделена и награда за најдобар филм во Студентската програма за „Страшилото крст“ на Сандра Јовановска. Трета година по ред беа доделени и награди за најдобра рецензија. Од околу 40-тина филмски критики, првонаградена е Фросина Крушкаровска, втора награда доби Владимир Лазороски, а трета Вероника Камчевска.

Покрај натпреварувачките селекции, на годинешниот Синедејс од 10 до 19 ноември можеа да се гледаат филмски остварувања во други програми, како и музички документарци, 25 наслови во гала-програмата, кратки и студентски филмови, како и концерти.