Властите бараат од Фејсбук сè повеќе информации за неговите корисници

Фејсбук годинава добил најголем број барања за податоци кои доаѓале од официјалните институции на многу земји, тренд што започнал пред две години, соопшто компанијата во последниот извештај.

Пристапот на властите кон приватни податоци од телефонските и интернет-компаниите стана важно прашање откако поранешниот вработен во американската служба за безбедност НСА Edward Snowden откри дека владата на САД масовно прислушувала илјадници луѓе ширум светот.

Сега, двегодишниот извештај на Фејсбук е главен индикатор на интересот на владите за податоците кои ги има социјалната мрежа. Фејсбук генерално не смее да објавува детали за специфичните барања од полицијата и од агенциите за разузнавање.

Во првата половина на 2015 година, бројот на барања на владите за приватни податоци од Фејсбук се покачил за 18 проценти – вкупно биле барани информации за над 40.000 профили.

Во истиот период, Фејсбук избришал 20.568 објави и други содржини кои прекршувале локални закони, што е двојно повеќе отколку во првата половина на 2014 година.

Социјалната мрежа објави и дека во моментов има 1.55 милијарди корисници, наспроти 1.4 милијарди во истиот период лани. Владите главно барале основни податоци, ИП-адреси или содржини на профилите, вклучувајќи ги и објавите на корисниците.

Најмногу вакви податоци од Фејсбук барале американските власти, чии биле повеќе од 60 проценти од сите барања. Меѓу другите, голем дел од барањата пристигнале од владите на Велика Британија, Франција и Германија. Компанијата појаснува дека таа не им дава на властите директен пристап до приватните податоци на нејзините корсници.