Власта во Уганда ги исклучи социјалните мрежи на денот на изборите

Уште еден доказ дека социјалните мрежи се „трн во око“ за властите, особено за авторитарните власт, доаѓа од африканската држава Уганда. Таму, претседателот Јовери Мусевени, кој ја води државата веќе 30 години, вчера, на денот на изборите го запре пристапот до социјалните мрежи на мобилните уреди и го уапси водачот на опозицијата.

Откако го дал својот глас во западниот дел од земјата, претседателот Мусевени се обидел да ја одбрани забраната за социјалните медиуми, велејќи дека тоа е „мерка на безбедност за да се спречат лагите… кои имаат намера да предизвикаат насилства и нелегално прогласување на изборните резултати“.

Организациите за човекови права го осудија потегот на владата на Уганда. Дел од граѓаните се приклучувале на интернет преку енкриптирани приватни мрежи. Слично блокирање на социјалните мрежи во земјата се случило и на изборите во 2011 година.

„Одлуката на владата да го блокира пристапот до социјални мрежи на мобилните телефони на денот на изборите е директна повреда на основните права на граѓаните на слобода на изразот и пристапот до информации“. Ова беше вежба по цензура, додека граѓаните на Уганда ги бираат нивните водачи“, изјави регионален директор на организацијата Амнести интернешнал.