Власта одбива разговори за медиумските реформи со новинарските организации

Десет дена откако претставници на ЗНМ, ССНМ, МИМ, СЕМ и ИКС официјално побараа средби со лидерите на партиите потписници на договорот од Пржино, со цел да се разговара за застојот на преговорите за медиумските реформи, досега имало средба само со лидерот на СДСМ Зоран Заев, информираат од овие новинарски здруженија.

Оттаму најавуваат дека средба со претстедателот Ѓорге Иванов е закажана за во петок, а средбата со лидерот на ДПА начелно е потврдена, но уште нема точен термин. Од здруженијата потенцираат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и спикерот на Собранието Трајко Вељаноски го игнорираат нивното барање за средба, а лидерот на ДУИ, Али Ахмети ги известил дека нема време да разговара со новинарите за медиумските реформи.

„Со жалење констатираме дека власта одбегнува сериозни разговори за медиумските реформи. Минимум политичката култура налага ВМРО-ДПМНЕ и спикерот Вељаноски да одговорат на нашето барање за средба каков и да биде одговорот.

Граѓанскиот организации и партиите може да имаат различни ставови за одделни прашање, но во демократија е незамисливо тие да не разговарат. Со одбивање на дијалогот како начин за решавање на проблемите во општеството, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ покажуваат дека немаат демократскиот капацитет да се справуваат со предизивиците.

Со ваквото неодговорно однесување власта го прогласи за ништовен договорот од Пржино, каде се обврза на медиумски реформи со цел да имаме слободни и веродостојни избори. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, исто така, заради тесно партиски интереси ја доведуваат во прашање и интеграцијата на земјата во ЕУ“, стои во соопштението на здуженијата.

Тие ја повикуваат власта да ги исполни преземените обврски и да не поднесува во Собрание парцијални решенија кои нема да ја подобрат состојбата со слободата на медиумите. Повик упатуваат и до опозицијата за повлекување од собраниска процедура на законските измени за укинувањето на радиодифузната такса се додека не се постигне партиски консензус за сите прашања.

„Ќе се спротивставиме на секој обид со козметички измени на медиумското законодавство партиите да глумат медиуски реформи.

Нашите барања остануваат исти. Забрана за владините реклами, независен јавен сервис, професионален медиумски регулатор, помали казни и обврски за приватните национални телевизии како и поотворени јавни институции. Со вакво статус кво и игнорирање на реформата на медиумите, која треба да почне пред изборите во јуни, нема да се сполни условот за слободни и кредибилни избори“, се додава во соопштението.