Владимир Крстевски: Претходниот претседател на Студентскиот парламент на Филозофски треба да врати пари на факултетот

Претходниот претседател на Студентскиот парламент на Филозофскиот факултет досега вратил една третина од сумата за која Државниот завод за ревизија забележа во својот извештај дека не постои соодветна документација за тоа како и зошто биле трошени парите. Ова за Радио МОФ го потврди актуелниот претседател Владимир Крстевски. Тој вели дека околу 30 000 денари веќе се вратени на факултетот, но до крајот на годината треба да се вратат вкупно 96 илјади денари.

Извештајот покажува дека пред две години, Деканатската управа при Филозофскиот факултет исплатила вкупно 803 илјади денари (13 060 евра) на сметка на парламентот. Од нив, за 96 илјади денари (1560 евра) нема соодветна документација, односно биле исплатени за хонорари, а се искористиле за друго. Потоа, за сметководствени услуги биле исплатени вкупно 41 илјади денари (665 евра), за кои не е јасно за која цел се потрошени, додека за манифестацијата Отворен ден биле исплатени средства за репрезентација и за технички услуги за забавата, иако факултетот претходно спровел постапка за јавна набавка. Па така, за потрошените средства во износ од 58 илјади денари (942 евра) нема ниту документација, ниту фактура што ќе послужи како потврда.

„Деканската управа одлучи дека за сите тие 96 илјади денари нема доставено документација, за жал. Тоа е целиот спор, друго ништо не знаеме. Јас писмено му се обратив и досега има вратено околу 30 илјади денари. Треба до крајот на годината да ги исплати“, вели Крстевски.

Тој нагласува дека во последните десет години Филозофскиот факултет не добил средства од никој, освен од самиот факултет.

„Јас можам да тврдам само за Филозофскиот факултет, ние не сме добиле буквално нула денари од Ректоратот, од надворешни финансирања, од СПУКМ… нула. Единствено само од Филозофски факултет, за жал“, рече Крстевски.

Во однос на начинот на кои биле потрошени претходно парите тој вели:

„Кој ќе каже образложение кој ги троши, кога не сум видел од тие пари и никој не видел? Не можам да тврдам како се трошеле, бидејќи не сум трошел“.

Крстевски додава дека како претседател на Парламентот на Филозофскиот факултет, побарал средства од Студентскиот парламент на УКИМ, но тоа не се случило.

„Не знам за другите, можеби даваат, но за кај нас, убедливо тврдам дека нема“, нагласи тој, додавајќи дека средства секогаш се потребни.

„Потребни се поголеми средства за да бидат покриени сите манифестации. Можам да се пофалам дека претходната година успеав како претседател да најдам средства факултетот да финансира 11 студентски конференции од кои 4 беа меѓународни и 7 домашни. За жал, немаше огромни средства, но сите беа добро и високо организирани. Голем товар беше за факултетот“, смета тој.

Според анализата на Младинскиот образовен форум за студентските парламенти при УКИМ, како претходник на Крстевски се води Александар Станчевски. Радио МОФ се обиде да го контактира на бројот што претходно го користел, но оттаму машки глас ни кажа дека е погрешен бројот.

На прашањето што ако претходниот претседател не ги врати средствата, односно чија ќе биде одговорноста, Крстевски вели дека Станчевски е должен да го исполни тоа, а тој како новоизбран претседател  е само задолжен да ја предводи постапката.

„Тие пари што тој ќе ги врати, факултетот ќе ги даде на Студентскиот парламент за понатамошни активности“, вели Крстевски.

Радио МОФ побара став за овој случај и од поранешниот претседател на СПУКМ, Кирил Спироски, кој кусо рече: „доколку постои некаков проблем на факултетот, тоа треба да се реши во рамки на факултетот“.

Е.П.