Владата усвои заклучоци и препораки за водухот – нема „пар-непар“ и предвремен распуст

Владата не ги усвои мерките воведување „пар-непар“ за автомобилите и предвремен распуст за основните и средните училишта, на денешната вонредна седница, на која се расправаше за зголеменото ниво на загаденост на воздухот.

Меѓутоа, Владата усвои заклучок со кој се препорачува на сите работодавци во Скопје и Тетово, да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лица над 60 годишна возраст со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и лица под 60 годишна возраст со дијагноза астма и хронична опструктивна белодробна болест до 4 јануари.

Потоа, им препорачува на град Скопје и општина Тетово да ги интензивираат активностите за чистење на улиците, особено околу градилиштата.

Државниот инспекторат за животна средина е задолжен до 4 јануари 2016 година, да врши секојдневна вонредна контрола на индустриските капацитети кои подлежат на А интегрирана еколошка дозвола и секој ден да доставува извештај до Министерот за животна средина и просторно планирање и до Министерот за здравство.

Исто така, Владата им препорачува на град Скопје и другите општини, преку овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори, до 4 јануари 2016 година да вршат еднаш неделно контрола на инсталациите кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола само во делот на емисии во воздухот и имисии. Притоа, во рамки на контролите на територија на Скопје и Тетово, да се даде препорака за редуцирана работа на индустриските капацитети во соодветната единица на локалната самоуправа.

Меѓудругото, Владата го задолжува Министерството за животна средина и просторно планирање да ги даде препораките за граѓаните, кои во петокот ги претстави министерот Нурхан Изаири.

Истовремено, Владата на Република Македонија го задолжува Државниот инспекторат за животна средина да изврши контроли на сите автосервиси и доколку констатира неправилности при работењето од нивна надлежност да преземе соодветни мерки.