Владата со предлог закони за лицата со попреченост и времено решение за струшката депонија

Справување со пожарот во Македонски Брод, времено решение за депонијата во Струга, законски олеснувања за лицата со попреченост и материјално обезбедување на стечајците се дел од одлуките донесени синоќа од македонската Влада, на 18-тата седница.

Владата до Собранието ќе достави предлог измени и дополнувања на Законот за социјална заштита и Законот за заштита на децата, за унапредување на правата на лицата со попреченост и продолжување на додатокот за деца со посебни потреби по службена должност.

12 милиони денари, од резервите на Буџетот, ќе се наменат за компресирање и транспорт на сметот од депонијата во Струга на друга локација, како времена мерка за решавање на овој еколошки проблем.

На седницата се зборувало и за периодични здравствени прегледи на корисниците во Дневните центри за деца и лица со пречки во развојот, за полесно утврдување на нивната здравствена состојба. За реализација на оваа активност министерствата за здравство и труд и социјална политика треба да формираат работна група. Владата утврдила и потреба од вработување на дополнителен број социјални работници за повеќе Центри за социјална работа низ Република Македонија.

До Собранието ќе биде доставен и Предлог-закон за материјално обезбедување на стечајните работници, за кој се обезбедени финансиски средства со ребалансот на Буџетот. Со ова Законско решение предвидено е да се опфатат 3.000 стечајни работници, како решавање на нивниот долгогодишен проблем.