Владата со 800.000 евра ќе финансира граѓански здруженија и фондации

Владата на Република Македонија објави оглас за финансиска поддршка, во вкупен износ од 50 милиони денари, односно околу 800.000 евра, на активности на здруженија на граѓани и на фондации.

Според огласот, грантовите се поделени во две категории. Односно, грантови во износ од 1.845.000 денари (30.000 евра) до 3.075.000 денари (50.000 евра) или вкупно 36,9 милиони денари или 600.000 евра ќе се доделат на проекти за борба против корупцијата, владеење на правото, демократија, човекови права, добро владеење, социјална кохезија и локална самоуправа. Освен за вакви, Владата ќе доделува грантови и за проекти од областа на здравството и здравиот начин на живот, економски развој, одржлив развој, рурален развој, култура и традиции, потоа проекти за млади, семејство и семејни вредности, како и за евроинтеграции, нови технологии, социјални медиуми, нови медиуми и информатички технологии.

Втората категорија, за која се предвидени помали грантови од 5.000 до 10.000 евра, или вкупно 213.000 евра, се проекти за зголемување на економскиот пораст и на вработеноста, за интеграција на Македонија во Европската Унија и во НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, и за проекти за инвестирање во образованието, иновациите и во информатичката технологија.

Овој оглас практично пред три месеци го најави поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кога рече дека „секоја влада во секоја држава одвојува посериозни средства за граѓанскиот сектор, без притоа да влијае на неговата работа, а кај нас, потфрливме на тој план“.