Владата со 30 милиони денари за здруженија и фондации за справување со кризата предизвикана од Ковид-19

На вчерашната владина седница е усвоена Програмата за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации за мерки за справување со Ковид-19 кризата, информираат од Владата.

Согласно програмата, се додава во соопштението на Владата, 30 милиони денари ќе бидат наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за преземање итни мерки за справување со кризата предизвикана од Ковид-19 преку грантови во износ од 600.000 до 900.000 денари, за следните приоритетни цели:

– Информирање на јавноста за мерките и препораките на државните институции за спречување на ширењето на коронавирусот КОВИД-19, како што се препораките на Министерството за здравство, придржувањето кон мерката за самоизолација и задолжително носење на заштитна опрема на лицето

– Правна помош, психолошка помош или совети за безбедност и приспособување за време на пандемија за најзагрозените групи, вклучително и спречување на стигматизација на заразените со коронавирус и лицата во изолација, односно спречување на говор на омраза

– Помош и поддршка на децата од социјално загрозените семејства и децата од руралните средини за учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација

– Помош и поддршка во грижата за стари лица, жртви на семејно насилство и други ранливи групи и во нивното приспособување на условите, што ги наметна кризата

– Набавка и дистрибуција на хуманитарна и санитарна помош за социјално загрозените и маргинализираните групи, на локално ниво

– Едукација, директна помош и поддршка на лица со хронични болести, лица со ретки болести, стари и изнемоштени лица, лица со зависности, самохрани родители, сексуални работници/чки, групи засегнати од ХИВ, лица со попреченост, ЛГБТИ и други социјално исклучени групи, во смисла на набавка на прехранбени производи и лекови, прехранбени и хигиенски пакети, психолошко-социјална помош и слично

– Директна поддршка за ранливи категории на работници/чки од ниско платени гранки со идејни решенија, кои ќе им помогнат да остваруваат приходи за време на криза, како што е на пример, воспоставување на онлајн продавници за земјоделци/ки поединци

– Директна поддршка на ранливи групи со ниски примања за да им се помогне со решенија кои ќе им помогнат за остварување на приходи за време на кризата

– Правна помош на граѓаните од најпогодените заедници за да ги остварат правата од мерките, кои ги донесе Владата

– Анализа на влијанието на пандемијата, вклучувајќи ги и економските ефекти од кризата врз жените и ранливите категории и предлози за менување на политиките и мерките

– Промоција на домашното земјоделско производство, локални капацитети за рурален развој и туризам и локалното производство на храна

– Антикорупциска проверка на политиките, кои се донесуваат во време на криза

– Предлози за структурни промени и нови политики во областа на здравството, образованието, социјалната заштита, животна средина и др., кои ќе гарантираат социјално-економска правда и правичност

– Информирање за заштитата на човечките права и ризикот од стеснување на просторот за граѓанските слободи за време на епидемија и вонредна состојба

– Справување со дезинформации, лажни вести, стигматизација и говор на омраза

– Активности поврзани со дигитализација и електронска писменост на населението воопшто, односно како да се зголеми довербата во електронската комуникација и работење

– Онлајн обуки и менторство за невработени лица, со фокус на ранливи категории граѓани, за стартување на сопствен бизнис

– Обезбедување на совети и поддршка за развој на онлајн модули за физичка активност со цел подобро ментално здравје за време на пандемија

– Информирање и едукација на јавноста за практикување на физичка активност со почитување на социјално дистанцирање, преку развој на упатства, модули.

Здруженијата и фондациите, на кои ќе им бидат доделени средства, информираат од Владата, ќе достават извештај за користење на средствата до Генералниот секретаријат на Владата, кој се грижи и за реализацијата на програмата и кој доставува извештај за реализација на оваа програма до Владата.

На вчерашната седница донесена е и Одлуката за критериумите и постапката за распределба на средствата за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации за реализацијата на Програмата.