Владата си го прекршила сопствениот Деловник – 94 од 120 закони не биле ставени на ЕНЕР, реагираат невладините

Владата на Република Северна Македонија, во декември го прекршила сопствениот Деловник бидејќи од усвоени 120 закони, 94 не биле ставени на консултација на ЕНЕР (единствениот национален регистар на прописи), посочуваат од Платформата на граѓански организации за борба против корупција.

Од Платформата додаваат дека согласно Деловникот на Влада, сите предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на закони кои што ги предлага Влада до Собрание, надлежните министерства имаат обврска да ги објават на својата интернет страница и на ЕНЕР (www.ener.gov.mk) и истите треба да бидат достапни за коментари од јавноста најмалку 20 дена од денот на објавувањето на ЕНЕР.

„Ако се погледнат предлог текстовите на овие 94 закони и објаснувањата од подносителот ќе се види дека во најголемиот број се врши усогласување со Законот за прекршоци, но воедно сите глоби драстично се намалуваат од оние кои се моментално утврдени. Напоменуваме дека, подносителот има обврска да го почитува Деловникот без разлика на содржината на измените, освен со исклучок кога се вршат интервенции од нормативно-правен карактер, и тоа: номотехнички интервенции, терминолошко усогласување со други закони и јазично или редакциско уредување на текстот на законот“, велат од Платформата.

„Со ваквата пракса на масовно донесување закони по скратена постапка кои воедно не се објавени на ЕНЕР, јавноста и сите засегнати страни не се во можност навремено да се информираат, да дадат свој придонес и да се вклучат во подготовка на закони кои што ќе ги одразуваат потребите на граѓаните. Напоменуваме дека оваа состојба беше констатирана и пред парламентарните избори во 2016 година што пак создава една негативна предизборна пракса“, додаваат тие.

Од Платформата укажуваат и дека кај дел од законите за кои не е испочитуван процесот на консултации утврдиле дека измените не биле само во форма на законско усогласување, туку имале и пошироко влијание. Како поспецифични значајни законски измени, или нови законски текстови кои не го поминале филтерот на ЕНЕР ги посочуваат предлог-законите за заштита од пушењето, за работните односи и други.

Групата апелира до Владата и другите државни органи да ги почитуваат пропишаните одредби од Деловникот и да не ја избегнуваат обврската за консултации на сите предлог-закони, вклучително и оние кои се носат по скратена постапка.