Владата се премислува, пак ќе ја разгледува одлуката за прекин на флексибилното работно време

 

Премиерот Зоран Заев, после извршени консултации, одлучи да не ја потпише одлуката за времено суспендирање на одлуката за флексибилно работно време на државната администрација од 7-та седница на Владата, соопштија од Владата.

Прашањето, како што дополнуваат, ќе биде повторно разгледано на следната седница на Влада, откако ќе бидат направени дополнителни анализи и проценки за целисходноста за промена на работното време на администрацијата.

До нова одлука, како и до сега, останува флексибилно работно време на сите вработени од органите на државната управа од 7:30 и 8:30 часот, до 15:30 и 16:30 часот, со вкупно времетраење на работниот ден од осум часа.

Претходно, синдикатот на УПОЗ бара итно повлекување на одлуката за фиксно работно време бидејќи, според нив, тоа е спротивно на Гранскиот колективен договор потпишан на почетокот на годинава во кој е утврдено флексибилно работно време. Тое посочија дека се затекнати од ваквата одлука на Владата бидејќи не биле информирани и консултирани како социјален партнер.

На вчерашната седница, без детално појаснување за причините, Владата донесе одлука времено да се суспендира одлуката за флексибилно работно време за сите вработени во државната управа. Со неа требаше наместо сегашното работно време од 07:30 до 15:30 и од 08:30 до 16:30, од први октомври за сите да важи работното време од 08:00 до 16:00.

Одлуката за флексибилно работно време беше донесена во 2017 година, каде истовремено беше утврдено и двосменско работно време за институции како Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав.

Според тогашниот министер за администрација, Дамјан Манчевски, овие мерки беа донесени по серија консултации со граѓаните, невладиниот сектор и синдикатите, а во насока на овозможување подобри услови за вработените во јавната администрација. идејата беше истовремено да им се излезе во пресрет и на родителите коишто во различно работно време почнуваат со работа, како и да се намалат сообраќајните гужви во поголемите градови, пред и по завршувањето на работното време.