Административците од 1 септември со флексибилно и двосменско работно време

Вработените во државната управа ќе имаат флексибилно работно време со почеток меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршување меѓу 15:30 и 16:30 часот, со вкупен работен ден од 8 часа.

Ова денеска беше одлучено на седница на Владата на Република Македонија, каде истовремено беше утврдено и двосменско работно време за институции како Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав.

Работното време во овие институции ќе се одвива од 7 до 14:30 часот и од 14 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот со време на работа од 8 до 16 часот.

Одлуката за флексибилно и двосменско работно време ќе се применува од 1 септември.

Според министерот за администрација, Дамјан Манчевски, ова се мерки по серија консултации со граѓаните, невладиниот сектор и синдикатите, а во насока на овозможување подобри услови за вработените во јавната администрација.

„Исто така, со оваа мерка сакаме да им излеземе во пресрет и на родителите коишто во различно работно време почнуваат со работа. Очекуваме оваа мерка да придонесе кон намалување на сообраќајните гужви особено во големите градови пред почетокот и по завршувањето на работното време“, нагласи Манчевски.