Владата разреши членови од Комисијата за УНЕСКО за Охридскиот регион

Владата на Северна Македонија направи промени во членовите на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.

Според информациите објавени во Службениот весник, од членови на Комисијата се разрешени Донка Барџиева – ТрајковскаЕлеонора Новаковска и Сашо Коруновски, а на нивно место се именувани Јулија ТричковскаГоран Патчев и Ана Петровска.

Одлуката била донесена на седница на Владата од 26-ти мај, а стапила на сила со објавата во Службен весник на 1-ви јуни.

Барџиева – Трајковска, решението го сподели на Фејсбук со саркастичен коментар: „Одличен потег на владата! Во услови на епидемија мора да се отстранат сите кои на било каков начин можат да ја загрозат!“.

Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион е формирана во јануари 2018 година и претставува координативно и советодавно тело која дава мислења за нацрт-извештајот за состојбата УНЕСКО статусот на Охридскиот регион и за мислења при планирање, изработување и практично спроведување на законите и другите прописи со кои е засегнат Регионот. Комисијата е составена од претседател, заменик-претседател и 21 член кои ги именува Владата,

За причините за разрешувањето на членовите на Комисијата од Владата за Радио МОФ објаснуваат дека Новаковска и Коруновски повеќе не биле членови на институциите и телата од кои биле номинирани во Комисијата, додека за Барџиева-Трајковска велат дека е член на Координативното тело за реформите во културата и во заштитата на културното наследство.

„За членовите од  претходниот состав на Комисијата можеме да Ве информираме дека Елеонора Новаковска беше номинирана како директор на НУ Музеј и Завод-Охрид, и дека таа повеќе не е директор ниту вработена во оваа установа. Сашо Коруновски беше номиниран како член на Националната комисија на УНЕСКО, каде што повеќе не е член. Донка Барџиева-Трајковска во изминативе години учествуваше во повеќе работни групи за заштита на културното наследство при Министерството за култура. Барџиева-Трајковска е член на Координативното тело за следење на процесот за реализација и имплементација на реформите во културата и во заштитата на културното наследство. Ова советодавно тело има активно учество и дава придонес во креирањето на културните политики и во решавањето на најсложените проблеми кои се јавуваат во културата и во заштитата на културното наследство. Барџиева-Трајковска со своето знаење и искуство преку активностите во овие работни групи и особено со ангажманот во Координативното тело дава огромен придонес за унапредување на состојбата во заштитата на културното наследство во земјава. Придонесот и влогот на тројцата експерти од претходниот состав на Комисијата е од големо значење за културата и заштита, особено нивните искуства кои беа имплементирани во управувањето со Охридскиот регион.“, ни одговорија од Владата.

Од Владата додаваат и дека новите членови на Комисијата се избрани според нивната стручност, компетентност и меѓународно искуство во областа на заштитата на  природното и културното наследство.

„Министерството за култура и Владата на Република Северна Македонија се насочени кон остварување континуитет и нови резултати од постоечките работни групи. Во исто време, Ве информираме дека и новите членови на Комисијата кои се докажани експерти во областа на заштитата на природното културното наследство, на новиот ангажман пристапуваат со особено внимание и фокус, особено сега кога повредите во Охридскиот Регион повторно стануваат реалност, и се зголемува обемот на работа“, додаваат од Владата.

Роковите за исполнување на препораките од УНЕСКО за заштита на Охрид и регионот одамна се изминати, а досега надлежните исполнија само дел од административните задолженија но останаа проблемите со инфраструктурата. Во меѓувреме пандемијата со коронавирусот одложи дел активностите за заштита на подрачјето.

Последниве денови повторно се актуелизираше проблемот со дивоградбите на крајбрежјето на Охридското Езеро, откако активистите реагираа дека кај авто-кампот „Градиште“ повторно се гради нелегален ѕид на брегот.

Неодамна и Државната комисија за спречување на корупцијата побара од Владата да ги одземе надлежностите на сите општини за уривање на нелегално изградените објекти во охридско-струшкиот регион под заштита на УНЕСКО, со образложение дека предвидените средства на Општина Охрид за оваа намена се премалку.

Д. Е.