Владата размислува да се подигне прагот за царинење на малите пратки на 90 евра

Министерката за финансии Нина Ангеловска најави дека се размислува за зголемување на прагот на вредноста до која пратките се ослободени од плаќање увозни давачки, а оптималниот праг ќе го дадат анализите што во моментов се прават во Министерството. Таа напомена дека Министерството, Царинската управа и Владата се соочуваат со години со барањето да се подигне овој праг поради растот на бројот на мали пратки кои граѓаните и компаниите ги порачуваат преку интернет.

Според важечката регулатива, мала пратка чија вредност надминува вредност од 45 евра подлежи на плаќање на увозни давачки. Во ЕУ, тој праг е 150 евра. При тоа, граѓаните што се враќаат од странство преку граничен премин, можат со себе да носат стоки во вредност од 350 евра, и за нив да не платат увозни давачки.

„Разговараме прагот да се зголеми на околу 80-90 евра. Кој е оптималниот праг ќе покажат анализите што во моментов се прават во Министерството за финансии“, изјави Ангеловска.

„Мора дополнително да работиме на олеснување на процесите, слободното движење на стоки, но при тоа да се вршат засилени контроли и да може, врз основа на анализи на ризик да се скрати нивното времетраење“, укажа Ангеловска.

Податоците покажуваат дека во царинска испостава Пошта Скопје, во 2018 година вкупно пристигнале 4.392 пратки, а во првите шест месеци од 2019 година 2.811 пратки, што покажува дека бројот на пратки расте со темпо од околу 30 проценти. Овој број се очекува да продолжи да расте, а од Министерството за финансии очекуваат дека тоа ќе креира дополнителен предизвик за дигитализација и автоматизација на поштите.