Владата предлага и на малите пратки од странство да се пресметува данок на додадена врдност од 18 отсто, од што за сега се ослободени.
Ваквиот предлог е веќе доставен до Собранието како измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност со кои се предвидува од оваа обврска да бидат изземени само „мали пратки од некомерцијална вредност“ испратени од физичко лице до физичко лице, во вредност до 22 евра, освен ако станува збор за алкохол, парфеми, тутун и слични производи.
Ова значи, онлајн купувањата од странски веб-страници, без разлика на вредноста, ќе бидат предмет на оданочување со ДДВ, што ја усогласува земјата со европската пракса, имајќи предвид дека Европската унија уште во 2021 година го укина истиот праг за ослободување.
Со ваквите измени, практично на удар ќе се најдат евтините пратки преку „Тему“, „Али експрес“, „Шеин“ и слични платформи за електронска трговија. Односно, на пратките од онлајн продавници би се зголемила цената, без разлика дали нарачувате мал привезок, чашка, или светилка.
Според сегашната практика за пратки до 22 евра не се плаќаат давачки, од 22 до 45 евра се плаќа само ДДВ, а над 45 евра се пресметува и царина и ДДВ.
Во предложените измени се наведуваат и случаи во кои има ослободување од плаќање данок на додадена вредност при увоз на добра, како патници кои доаѓаат од странство, за предмети наменети за нивни лични потреби за време на патувањето во странство (личен багаж), а кои не подлежат на какви било важечки ограничувања или забрани, без оглед на тоа дали ги носат со себе или истите ги дале на превоз на превозник.
Потоа домашни патници, за други предмети со мала вредност покрај предметите од личниот багаж, кои ги внесуваат од странство, а кои не се од комерцијална природа.
Ослободувањето од оваа точка не се применува за домашни патници кои влегуваат повеќе од еднаш во тековното деноноќие во царинското подрачје. Како домашни патници не се сметаат екипажот и лицата кои управуваат со јавните транспортни средства.
Иако Предлог-законот е веќе поднесен во Собранието, поради тековните локални избори не може да се стави на гласање во овој момент. Според најавите од Министерството за финансии, се очекува измените да бидат разгледани и изгласани на собраниска седница кон средината на ноември, веднаш по завршувањето на изборниот процес.
Инаку, како што покажаа најновите податоци од Народната банка за електронската трговија, во првата половина годинава, македонските државјани напавиле онлајн трансакции кон странство во вредност од 201,2 милиони евра што е за 55,1 отсто повеќе од истиот период минатата година.
Како што се наведува во анализата на овие податоци од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, посебно се издвојува значителниот пораст кај трансакциите кон странските е-трговци, каде што бројот расте побрзо од вредноста, што говори за почести нарачки, но со помала вредност.
„Овој тренд најмногу се поврзува со појавата на ‘Тему’, кој за кратко време привлече голем број на купувачи со широка понуда, ниски цени и бесплатна достава дури и за најмали нарачки. Ефектот на ‘Тему’ кој има илјадници нарачки дневно се отсликува во овие податоци целосно со оглед дека единствениот начин на плаќање кој се нуди на платформата е со платежна картичка“, се наведува во анализата.