Владата почна со реализација на проектот „Младинска картичка“ за попусти во трговијата, културата и транспортот

На вчерашната седница, од Владата соопштија дека ја разгледале и усвоиле Информацијата за реализација на Проектот „Младинска картичка“, кој има за цел да го олесни и подобри секојдневието на младите со поволности кои ќе опфатат повеќе категории како попусти во угостителството, трговијата, пристапот до едукативни центри и културни и спортски настани, како и за патувања во земјата и во странство.

„Со информацијата Владата на РСМ донесе и заклучок одредени министерства да се вклучат во проектот за поволности за младите од 15 до 29 години, како и препорака за единиците на локалната самоуправа исто така да станат дел од реализацијата на овој проект“, соопштија од Владата.

Оттаму напоменуваат и дека втората фаза од „Младинската картичка“ е вклучување на националната картичка кон системот „Европска младинска картичка“, кога младите од земјава ќе можат овие поволности да ги уживаат и во земјите членки на Европската Унија.

Покрај оваа одлука, Владата на вчерашната 127-ма седница, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, бил усвоен и Предлог за воспоставување на Ресурсен Центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање (Center of Exellence on Gender Responsive Budgeting), кој ќе обезбедува експертска поддршка, добри практики, истражувања и обуки за градење на капацитетите на државните службеници во областа на родовото одговорно буџетирање за вклучување на родовата компонента во јавните финансии, управувањето и креирањето политики.

Владата на РСМ дала и позитивно мислење на иницијативата на група пратеници за автентично толкување на член 115 од Законот за данок на личен доход, чии одредби, според предлагачите на барањето, ги става во различна положба здруженијата на граѓаните и фондациите како даночни обврзници пред Управата за јавни приходи.

„Со ова ќе се оневозможи различните толкувања да ги ставаат институциите во функција на политички притисоци врз граѓанскиот сектор, нешто што беше пракса за време на претходната влада. Воедно, ова автентично толкување ќе овозможи непречено практицирање на слободата на здружување и на дејствувањето на граѓанските организации и ќе обезбеди исправање на неправдата нанесена врз граѓанските организации кои беа предмет на интензивни даночни инспекции во периодот на претходната Влада“, соопштија од Владата.

На седницата усвоена била и Информацијата во врска со отпочнување активности за спроведување на Стратегија за развој на женското претприемништво во Република Северна Македонија (2019 – 2023), а одлучено е и да започне подготовката на Стратегијата за информатичко – комуникациска технологија во правосудството (2019 – 2024), со која е предвидено да се зголеми пристапноста, навременоста и лесното користење на правосудните услуги за сите корисници, да се подобри квалитетот на податоците и да се заштити безбедноста.