Владата нема да може по своја мерка да бира и прогласува објекти од „посебен интерес“

Уставниот суд со денешната одлука го укина членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со што го одзема правото на Владата на Република Македонија да одредува кои објекти ќе бидат од посебен интерес.

Досега повеќе граѓани, архитекти и урбанисти во повеќе наврати реагираа на ваквата можност, сепак претходната влада објекти како ГТЦ, Националната универзитетска библиотека, МОБ, но и стотина станбени згради, приватни хотели  и други комерцијални објекти ги прогласи за „објекти од посебен интерес за државата“. Познато е дека власта во изминатите години буквално си бираше објект од „посебен интерес“, можеше да ѝ го одземе на општината, да си изработи планско-урбанистичка документација за него и да си го пренамени, по мерка.

Даница Павловска – Циги, неуморен активист од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ и бивш претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, е една од оние кои поднесоа иницијатива до Уставниот суд и бараа поништување на членот 50 како противуставен. Павловска за Радио МОФ вели дека узурпирање на правото на одлучување е нешто што, едноставно, не смее да се дозволи.

Даница Павловска – Циги

„Добро е што Уставниот суд така одлучил. Не постои ‘објект од посебен интерес’, нема дефиниција за такво нешто. Така да тоа беше толку лабаво и широко, да можеа да се донесуваат политички одлуки од различни интереси, ниту јавни, ниту државни, ниту локални. Заради тоа го сметавме го нарушување на основно човеково право, како неуставен член итн. Драго ми што оваа битка е добиена и член 50 повеќе нема да го има“, вели Павловска.

Таа потсетува дека во државата има околу 100-ина интервенции направени врз основа на членот 50. Според неа, тоа е огромна голема штета на просторно-урбанистичкиот систем. Исто така, штета и на чувството на демократија, право и слобода.

„Тоа беа интервенции со скратени процедури, без почитување на основните постулати вградени во просторно-урбанистичкиот систем. Ние тој систем го негуваме со Закони за градба, со Закони за сопственост, Закон за просторно и урбанистичко планирање. Значи, многу закони го сочинуваат тој систем, ние не можеме да го рушиме затоа што една влада си донела одлуки и решила да прогласува простори од посебен интерес. Тоа е саботажа на системот“, смета Павловска.

Од судските експерти што ги контактиравме сметаат дека со тоа што овој член е укинат, а не е поништен, е еден вид компромис. Судиите од Уставниот суд во април определија времена мерка за примената на оваа оспорена одреба, односно за барокните градби, но месец дена потоа од непознати причини се повлекоа и попишманија.

Таа нема да има ретроактивно дејство што било порано, а од сега во иднина ја брише од правниот поредок, и нема градби од посебен интерес за кои ќе се изработи урбанистичко-планска документација да се утврдуваат со одлука на Влада.

 

Бојан Шашевски