Владата не го почитува целосно владеењето на правото

Мешање во судството и медиумите и селективно гонење на политичките противници се меѓу забелешките во делот за Македонија од Извештајот за човековите права на Стејт департментот, објави Гласот на Америка.

Владата не го почитува целосно владеењето на правото

Најголем проблем е што владата не го почитува целосно владеењето на правото и што нема јасна линија меѓу државните и партиските активности – вака резимира Стејт департментот во делот за Македонија од најновиот редовен годишен извештај за состојбата со човековите права во светот.

Вашингтон наведува редица други забелешки на сметка на македонската влада: „мешање во судството и медиумите, селективно гонење на политичките противници, како и значително ниво на владина корупција и полициска неказнетост“. Правосудниот систем се карактеризира со политичко влијание, неефикасност, протекции за добро ситуирани лица, оддолжени судски процеси и корупција, смета американската влада.

Како трета причина за загриженост за состојбата со човековите права, извештајот наведува дека полицијата и затворските чувари физички ги малтретираат притворените и затворениците и дека дел од затворите и менталните институции се преполни, а во нив владеат лоши услови.

Стејт департментот додава дека има извештаи дека се одолговлекува со правото на навремен пристап до правен совет за притворените и обвинетите, дека се ограничува можноста за Ромите да излезат од земјата, дека се ограничува можноста за азил, дека постои домашно насилство кон жените и децата, дискриминација на лицата со посебни потреби, напнатост меѓу етнички албанските и македонски заедници, диксриминација на Ромите и другите етнички заедници, општествена дискриминација и насилство насочено кон ЛГБТ-лицата, дикриминација насочена кон синдикатите, детски труд, присилно питачење, како и неадекватно спроведување на трудовата легислатива.

„Полициската неказнетост и натаму е проблем, иако владата презеде одредени чекори да ги казни полициските лица виновни за употреба на прекумерна сила. Имаше веродостојни тврдења во текот на годината дека владата се мешала во случаите од висок профил што се однесуваат на злоупотреба на функцијата или користење на службената позиција за се принудат официјални лица или партиски членови, или пак да се заплашат клучни опозициски водачи“, стои во извештајот.

Во Одделот насловен „Политички затвореници и притвореници“ се споменуваат случаите против новинарот Томислав Кежаровски и претседавачот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ и се оценува дека процесите против нив довеле до меѓународна критика и загриженост поради селективна правда.

САД тврдат дека преголем број влади во светот ја стегаат контролата врз слободата на изразување и користат угнетувачки закони за да им ги ускратат универзалните човекови права на своите граѓани. При претставувањето на глобалниот извештај, американскиот државен секретар Џон Кери кажа дека голем број на влади се вклучени во политички мотивирано гонење и користат нови технологии да ги контролираат неистомислениците. Кери како најнегативни примери ги издвои Сирија, Русија, Кина, Куба, Египет, Бангладеш и неодамна соборената влада на Украина. 80 влади ширум светот имаат усвоено закони што вршат дискриминација против хомосексуалците, рече американскиот шеф на дипломатијата.

Тој оцени дека учинокот во однос на човековите права во САД, каде ропството беше законско во текот на 1800-те, не е совршен, но дека земјата се залага за унапредување на човековото достоинство.

Извор: VOA