Владата на Индија вели дека женските туристи не смеат да носат здолништа „за нивна заштита“

Индискиот министер за туризам изјави дека „странските жени не смеат да носат здолништа и фустани, или да шетаат сами ноќе, за нивна сопствена безбедност“.

Дискутирајќи ја безбедноста на туристите во северниот индиски град Агра, Махеш Шарма изјавил дека луѓето кои доаѓаат во Индија се пречекани со „сет за добредојде“, во кој има и прирачник за безбедност за жените

„Во тој сет им пишува се што смеат и не смеат. Има многу мали нешта како тоа дека не смеат да скитаат ноќе сами во малите места, или да носат здолништа. Треба и да го фотографираат регистарскиот број на возилото со кое патуваат и да го испратат на пријателите“.

Сетот за добредојде, кој им се дава на женските туристи од минатата година, е една од неколкуте мерки кои се воведени откако се намали бројот на женски посетителки во Индија, после бруталното групно силување и убиство на студентка во Делхи во 2012, како и голем број на сексуални напади на жени туристки.

Во прирачникот пишува: „Некои делови од Индија, осовено помалите градови и села, се уште го имаат традиционалниот начин на облекување. Дознајте повеќе за локалните обичаи и традиции, но и за властите пред да ги посетите таквите места“.

Шарма тврди дека со тоа не им наредуваат на жените што смеат да носат, а што не, туку „бараат од нив да преземат мерки за претпазливост кога излегуваат“.

„Тоа е многу глупаво, недоволно промислено тврдење. Министерот не ги сфаќа импликациите на ваквите неодговорни тврдења“, вели Ранџана Кумари, директорка на Центарот за социјално истражување, која работи на родовата еднаквост во Индија. Според неа тоа го покажува „синдромот на обвинување на жените“ за тоа што носат и што се.

„Но, проблемот е во мажите и момчињата во Индија. Тие практикуваат секакви видови на мизогинија и сексуални дела, силувања и групни силувања. Важно беше министерот да каже како да ги казниме криминалците и да ја спречиме бесмислицата на следење и малтретирање на жените. Зошто би доаѓале девојките во Индија, кога е позната како место кое не е безбедно за нив?“вели таа.

Шарма и претходно беше критикуван за неговите погледи за правата на жените.