Владата ќе воведува проект за субвенционирање на студентски потреби

Владата на Република Македонија на денешната 49-та седница, ја разгледа и усвои информацијата за воведување на проектот насловен „Субвенциониран студентски оброк и други студентски потреби“.

Министерство за образование и наука е задолжено да изготви предлог законски и подзаконски акти за
имплементација на проектот, најдоцна до 31 мај.

Проектот ќе се спроведува во соработка со Министерство за информатичко општество и администрација; Министерство за труд и социјална политика; Министерство за финансии; Министерство за економија, Генерален секретаријат и Кабинет на министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни компании проф. д-р Зоран Шапуриќ.

„Проектот предвидува можност за субвенционирање на потребите на студент по негов избор, и тоа: оброк, автобуска карта, карта за во театар, книга и други услуги, во текот на денот, а плаќањето ќе се врши преку мобилен телефон или дигитална студентска картичка“, информираат од Владата.

Идејата за овој проект, појаснуваат оттаму, доаѓа од Словенија каде, како што велат, успешно се спроведува повеќе од десет години.

Од Владата информираат дека од тамошните институции постои согласност и поддршка за имплементирање на проектот и во Македонија, со одредени прилагодувања, согласно финансиските можности на државата. Притоа, од страна на Владата на Република Словенија постои согласност за техничка  поддршка и асистенција при реализација и имплементација на овој проект во Македонија.

Меѓудругото, за време на денешната владина седница, е разгледана и усвоена информацијата за Програма со која ќе се обештетуваат децата жртви на дејствие кое со закон е предвидено како кривичнo делo на насилство и на други акти на индивидуално или групно насилство за 2018 година.

Одлуката е донесена на предлог на Министерството за правда.