Владата ќе му даде кредит на „Југохром“ од 1,5 милиони евра за поставување филтри

Владата на вчерашната седница одлучи да одобри кредит за комбинатот „Југохром“ од 1,5 милиони евра за поставување на филтри за да може да се здобие со А интегрирана еколошка дозвола за работа.

„Владата на Република Македонија на денешната седница ја задолжи Македонската банка за поддршка на развојот да склучи договор за кредит со Друштвото за производство, трговија и услуги ЈУГОХРОМ АЛЗАР ДООЕЛ увоз-извоз Јегуновце од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) на износ од 92.242.500 денари за изградба на филтерска постројка за заштита од загадување, со што ќе се овозможи фабриката да продолжи да работи и да се ангажираат вработените“, соопшти Владата.

Сите постоечки индустриски капацитети требаше да обезбедат А интегрирана еколошка дозвола за работа до април 2014 година. На „Макстил“ и „Југохром“ неколку пати им беше пролонгиран рокот за да ги постават филтрите. Но, „Макстил“ ја доби дозволата за работа, а „Југохром“ не ги исполни задачите од оперативниот план за добивање на дозволата.

„Југохром“ е затворен од лани во ноември по одлука на Државниот инспекторат за животна средина, откако компанијата не го испочитува и последниот рок за поставување филтри.

На вчерашната седница, Владата на РМ ги зголеми и средствата за поддршка на трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата од 14.000.000, на 21.000.000 денари, и го задолжи Министеството за економија да објави втор Јавен оглас каде право на аплицирање ќе имаaт сите домаќинства кои купувале печки на пелети во периодот  од 1 септември  до 12 декември 2018 година.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за изградба на Дом на спортови, и го задолжи Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, во заедничка корелација со Агенцијата за млади и спорт, да обезбеди координација и административна поддршка за целосна реализација на предметниот проект и да ја информира Влада на Република Македонија за реализација на проектот во рок од шест месеци.

На предлог на Агенција за промоција и поддршка на туризмот Владата ја разгледа Информацијата за основање на туристичка развојна зона-Матка, општина Сарај, и го задолжи Министерството за економија во  рок од седум дена да организира состанок со Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Општина Сарај и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со цел да се интензивира постапката за основање на туристичка развојна зона во општина Сарај.