Владата ќе го намали работното време на угостителските објекти?

Работното време на угостителските објекти да се намали за еден час и тие да работат до 23:00 часот, а за време на неработните денови ќе можат да работат до полноќ, се предлага во измената на Законот за угостителска дејност.

„Иако инспекторите на Градот немаат надлежност да реагираат по пријави за зголемена бучава од угостителските објекти или за непочитување на работното време, ние сме многу заинтересирани оваа област да се прецизира за доброто на граѓаните. Затоа, очекувам измените на Законот да понудат решение токму на овие проблеми, за на крајот никој да не биде оштетен, а на граѓаните да им бидат загарантирани мирот и безбедноста“ рече скопскиот градоначалник Коце Трајановски на денешната расправа на која учествуваа претставници на градската и централната власт, угостителите и претставниците на куќни совети.

Темата на јавната расправа беше како да се решат проблемите на граѓаните кои се жалат на бучавата од околните кафулиња. Според она што беше речено, има зголемен број на пријави од граѓани кои се жалат на гласната музика и велат дека работното време не се почитува.

Според предложените измени на Законот за угостителска дејност, сопственикот на локал во зграда ќе мора да обезбеди согласности од најмалку 51% од станарите и од општината во која се наоѓа локалот.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска рече дека има се повеќе пријави од граѓаните во кои се укажува на пуштање гласна музика, непочитување на работното време и поголемо нарушување на јавниот ред и мир во угостителските објекти, особено во оние што се лоцирани во станбена зграда, со што се нарушува мирот и спокојството на граѓаните и се оневозможува нивното нормално живеење.

„Граѓаните своите пријави ги поднесуваат до Министерството за внатрешни работи, како единствен орган кој во текот на 24 часа презема дејствија за разрешување на ваквата состојба, во согласност со законските надлежности. Министерството за внатрешни работи во текот на 2014 година има поднесено вкупно 714 барања за поведување на прекршочна постапка за прекршоци против јавниот ред и мир, учество, предизвикување или потикнување тепачка, вознемирување со гласна музика, фрлање, кршење на разни предмети, карање, викање и непристојно однесување и друго. За да се надмине ваквата состојба, потребно е да се пристапи кон измена и дополнување на предметниот Закон“, вели Јанкуловска.