Владата ќе го менува законот за да се справи со уличните кучиња

На денешната владина седница, донесен е заклучок за отпочнување на процес за измена на законот за здравствена заштита и благосостојба на животните, соопшти портпаролот Миле Бошнаковски.

Измените ќе бидат работени заедно со граѓански организации и ЗЕЛС, информира тој.

Оваа одлука доаѓа по вчерашниот инцидент во Гостивар, во кој девојка бегајќи од улични кучиња паднала во Вардар и се удавила.

Настанот ја вознемири јавноста и предизвика бурни реакции на социјалните мрежи.

„Синоќа околу 19 часот и 15 минути, било пријавено дека во Гостивар, 17 годишнa девојка од село Здуње, гостиварско, бегајќи од кучиња-скитници, паднала во водите на реката Вардар во близина на мостот. – Веднаш по добивањето на пријавата, преземени се мерки за нејзино пронаоѓање. Во 22 часот и 30 минути, девојката е пронајдена почината во близина на мостот во Балиндол, гостиварско“, велат од СВР Тетово.

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари изрази сочувство на семејството и нагласи дека проблемот со бездомните кучиња го наследиле и дека кон неговото решавање имало сериозен пристап во измнатиов период.

Од најголемото Здружение за заштита на правата на животните „Анима Мунди“ велат дека ситуацијата е на раб да излезе од контрола поради долгогодишната пасивност на надлежните да се справат со проблемите.

„Не постојат зборови со кои можеме да ја искажеме нашата тага поради прерано згаснат живот и упатуваме искрено сочувство до семејството на починатото девојче. Гледаме дека оваа трагедија се користи како мотив за напад врз нашите заложби за хуман третман на бездомните животни, па оттаму должни сме уште еднаш да повториме дека ние се залагаме и придонесуваме самоиницијативно да нема улични кучиња во ниту една општина во државата и проблемот да се реши трајно, а со цел да се гарантира безбедноста и заштитата на граѓаните. Сепак, и покрај нашите натчовечки напори, институциите избегнуваат да ја согледаат и да ја третираат суштината на проблемот, бавејќи се со краткорочни решенија без долгорочни резултати“, велат од „Анима Мунди“.

Тие уште еднаш упатија апел до градските власти да ги слушнат нивните барања и нивните конкретни предлози за решавањето на проблемот со бездомните кучиња.