Владата ќе го гарантира заемот за набавка на еколошки автобуси за Скопје

Владата на синоќешната 105-та седница го усвои Предлог-Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на набавката на нови автобуси за Град Скопје (ЈСП), кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

Вкупниот износ на проектот е 12 милиони евра, од кои 10 милиони евра ќе бидат обезбедени преку заем од ЕБОР, додека 2 милиони евра ќе бидат обезбедени од буџетот на ЈСП Скопје. За средствата во износ од 10.000.000 евра заемопримач ќе биде ЈСП Скопје, а Република Македонија ќе издаде државна гаранција.

Оваа одлука владата ја донесе тргнувајќи од состојбата со возниот парк на ЈСП Скопје како исклучително скап за одржување и кој е еден од факторите за загадување на животната средина, односно на воздухот во градот. Со предвидената набавка се планира да се набават нископодни автобуси кои работат на компримиран природен гас, со голема економска исплатливост и еколошка предност во учеството на намалувањето на аерозагадувањето.

На дневниот ред на владата се најде и беше усвоена Информацијата за отпочнување на постапката за формирање на Национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност кој ќе биде одговорен да го следи развојот на високото образование и научно-истражувачката дејност, како и нивната усогласеност со европските и меѓународните стандарди и да поднесува извештаи со препораки и мерки до Собранието и Владата на Република Македонија.

На оваа седница Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО донесена на неговата 41. сесија (Краков, Полска 2017) за состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион – добро впишано на Листата на светското наследство на УНЕСКО, и го задолжи Министерството за култура, во соработка со Национална комисија за УНЕСКО, да го достави Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на седницата во Краков.