Владата ја усвои Стратегијата за образование 2018-2025

Владата на Република Македонија на вчерашната, 52 седница, ја разгледа и усвои Стратегијата за образование 2018-2025.

Стратегијата и нејзиниот Акциски план, беа изработени со финансиска и техничка поддршка од страна на Европската унија, преку процес на консултации и учество, на многу експерти, наставници и професори, претставници на јавни институции, невладиниот сектор и други лица заинтересирани за развивање на човечките ресурси и образовните политики во Република Македонија.

Меѓудругото, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за донесување на Стратегијата за животна средина и климатски промени до 2020, со препорака новиот текст на стратегијата да ги вклучи и препораките и мерките од Интерресорската група за заштита на амбиенталниот воздухот, како и други мерки од сферата на заштитата на животната средина.

Владата го прифати Акцискиот план за реконструкција и адаптација на Завод за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања – Отешево, и го задолжи Министерството за здравство на секои шест месеци до Владата да доставува информација за прогресот на активностите од Акцискиот план, се до конечна реализација на проектот.

Владата на Република Македонија го разгледа и прифати Извештајот за завршени преговори за усогласување на текстот на Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Советот на Министри на Босна и Херцеговина за условите за патување на државјаните на двете земји само со лични карти. По усогласувањето на спогодбата и по ратфикацијата во собранијата, граѓаните, граѓаните од двете земји во Македонија и во Босна и Херцеговина ќе можат да патуваат со лични карти.

Покрај ова, Владата да го разгледа Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, и донесе заклучок да го достави до Собранието на Република Македонија на натамошна постапка.

За донесувањето на овој предлог-закон владата преовлада фактот што имплементацијата на законот во практика не ги даде очекуваните ефекти, при што се постави прашањето за оправданоста од ваквиот начин на финансирање со буџетски средства во вкупен износ од 317 680 000 денари, односно околу 5 милиони евра.

На предлог на Министерството за образование и наука вчера беше усвоена информацијата за активностите во процесот на изработка на Стратегијата за паметна специјализација, која е на високо место во агендата на Европска Унија, и во потпишаниот документ во Трст во 2017, од страна на премиерите на Западен Балкан, за зголемена интеграција на регионот.