Владата ја прекина акцијата „Ден на дрвото“, пошумување ќе се врши преку друга програма

Владата на синоќешната седница донесе одлука за престанок на акцијата „Ден на дрвото – засадија својата иднина“, која во изминативе години се организираше два пати годишно, пролет и есен.

„Идните активности за пошумување ќе се реализираат со одобрена предлог програма за проширена репродукција на шумите на ЈП ‘Македонски шуми’“, соопштија од Владата.

Владата го задолижила „Македонски шуми“ да достави сеопфатна информација за ефектите од оваа акција, која во јавноста донесе позитивни, но и дел негативни реакции и прашања во однос на тоа дали е финансиската оправдана, дали дрвцата се садат според некаков план и колку од нив воопшто почнале да растат.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која го поддржуваше овој проект додека беше на власт, Владата на СДСМ со укинувањето на акцијата на површина ја покажала лажната грижа за чистиот воздух.

„Наместо со ново зеленило, тие против загадувањето се борат со покачување на цената на нафтата, покачување на цената на паркирање и редица ретроградни мерки. Досега над 35 милиони садници се засадени од 2009та до сега, со над 50 проценти успешност со што се смета за едно од најуспешните пошумувања во регионот. Само во Скопје само за изминатите 4 години засадени 256.000 листопадни дрвја и зимзелени садници“, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.