Владaта ја поддржа иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк

На вчерашната 116-та редовна седница на Владата беа донесени неколку одлуки, меѓу кои:

Се усвои Предлог – програмата за реализирање на Планот за чист воздух за 2019 година, која се заснова на 4 компоненти: мерки за директно справување со причините за загадување, градење на јавната свест од предучилишна до пензионерска возраст, регулаторни промени неопходни за транзиција кон енергетски систем со ниска емисија и имплементација на платформа за координација и следење на реализација на програмата.

„Програмата за намалување на аерозагадувањето ја утврдува и намената на обезбедените средства во висина од 2 милиони евра. Парите ќе се наменат за финансирање  на замена на постојните нееколошки системи за греење во домаќинства, градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти во најзагадените градови во земјата, како и за набавка на пречистувачи за воздух во внатрешни простории во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти. Во акцискиот план за намалување на аерозагадувањето за 2019-та година се вметнати и иницијативи на три граѓански организации коишто се однесуваат на изработка на посебна Веб страна, каде што на едноставен начин ќе бидат набројани сите мерки кои треба да ги спроведат државните институции и на инсталирање на филтри во малите и средни претпријатија, особено во оние од дрвната дејност“, се вели во владиното соопштение.

Потоа, беше прифатена информацијата за поддршка на иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк. Иницијативата е од месните заедници на подрачјето на планината Јабланица, како и од невладиниот сектор, а е прифатена и од градоначалниците на општините Струга и Вевчани.

„Првиот чекор е изработка на Студија за валоризација или ревалоризација на природните вредности на Јабланица. По изработка на студијата, постапката за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје ќе ја започне Министерството за животна средина и просторно планирање. Со тоа, ќе се зголеми процентот на заштитените подрачја на национално ниво, со што ќе се исполнат и барањата на националната легислатива за заштита на природата, како и меѓународните обврски согласно ратификуваните конвенции и ЕУ директивите за живеалишта и видови“, информираат од Владата.

Покрај ова, Владата ја донесе и предлог – годишната програма за заштита на природата за 2019-та година. Со неа треба да се постигне поефикасна заштита на природата преку имплементација на активности и мерки од стратешки документи како Националната стратегија за биолошка разновидност со Акционен план (2018-2023) и Националната стратегија за заштита на природата со акциски план (2017-2027). Со Програмата за заштита на природата ќе се овозможи понатамошно хармонизирање на националното законодавство со законодавството на ЕУ за заштита на природата.

Министрите ја прифатија информацијата и за интервентно згрижување на бездомни лица затекнати на локација под Кале во објекти на установи за социјална заштита. Притоа, Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика преку ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, во периодот до март годинава, да обезбеди сместување на затекнатите лица под Кале во објекти што ги користи ЈУ За згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје. Станува збор за 30 семејства, односно 99 лица. Од нив, само 9 семејства поседуваат некакво живеалиште, додека останатите се евидентирани како бездомни лица.

„Сместувањето на бездомните лица е во согласност и со препораките на Интерсекторската работна група за следење на состојбата на воздухот, бидејќи на овој начин овие лица нема да палат несоодветни материјали за греење и дополнително да го загадуваат воздухот“, стои во соопштението.