Владата ја одобри набавката на лекот Ремдесивир за терапија на Ковид-19

Владата на Република Северна Македонија на денешната 16-та редовна седница ја разгледа информацијата за имплементацијата на Рамковниот договор за јавна набавка на лекот „Veklury (remdesivir)“, прифатен во терапијата на КОВИД-19 и донесе заклучок да го задолжи министерот за здравство да го потпише и имплементира Посебниот договор за јавна набавка на лекот. Набавката се прави преку Договорот за заеднички набавки склучен со Европската комисија.

Владата го задолжи Министерството за финансии да обезбеди во рамките на буџетот на Министерството за здравство за 2020 година, дополнителни 13.500.000,00 денари, за плаќање на лекот за месец октомври, додека останатите средства во износ од 67.500.000,00 денари, за исплата по сукцесивна испорака на овој лек за период од 5 месеци, да се предвидат и обезбедат во буџетот на Министерството за здравство за 2021 година.

Меѓу останатото, на денешната седница Владата ја прифати и препораката на Комисијата за заразни болести да го одобри Општиот протокол за организирање на спортски натпревари во услови на пандемија со КОВИД-19, со цел спречување на ширење на корона вирусот помеѓу спортисти, спортски работници, службени лица и сите останати лица вклучени во одигрување и организација на натпреварите.

На оваа седницата беше разгледан и усвоен усогласениот текст на Меморандумот за разбирање за 5G патоказ за дигитална трансформација во регионот на Западен Балкан.