Владата ја одложи Кембриџ програмата, ќе се прават анализи за нејзината потреба

На вчерашната седница, Владата одлучи да биде одложена имплементацијата на Кембриџ програмата, односно на наставните планови и програми за прва година на гимназиското образование, средното стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование.

Министерството за образование и наука е задолжено да го одложи спроведувањето на новите наставни планови и програми по наставните предмети математика, физика, хемија и биологија за прва година на гимназиско образование, за прва година на средно стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование во сите средни училишта.

Според дел од медиумите, овој проект ќе биде одложен за една година, а во меѓувреме ќе треба да се направат анализи за неговата потреба и промена.

Кембриџ програмата беше критикувана од голем број наставници, според кои таа не беше соодветно адаптирана на домашните наставни програми.

Претходно, Владата во последен момент го укина екстерното тестирање, за кое исто така имаше голем број поплаки од учениците  и наставниците.