Владата го одложи „Кембриџ“ во средното образование и усвои стратегија за спречување насилен екстремизам

Следната учебна година учениците во средните училишта нема да учат по „Кембриџ“, откако Владата на вчерашната 57-ма седница одлучи да се одложи имплементацијата на овие наставни планови.

„Од областа на образованието, министрите ја разгледаа и ја усвоија информацијата за одложена имплементација на наставните планови и програми за прва година на гимназиското образование, средното стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование од учебната 2019-2020 година, односно на програмата КЕМБРИЏ. На седницата беше усвоена и Информацијата за  воведување на италијански јазик во основно и средно образование како можност за втор странски јазик“, соопштија од Владата.

Покрај оваа одлука, Владата одлучи да прекине постапката за измена на Планот за управување на Националниот парк Галичица, согласно препораките на УНЕСКО. Како што информираа од Владата, тоа значи дека овој Национален парк и натаму останува заштитено светско наследство на листата на УНЕСКО.

На седницата беше донесена и Национална стратегија на Република Македонија за спречување на насилен екстремизам, со Акциски план за имплементација и Национална стратегија на Република Македонија за борба против тероризам, со Акциски план за имплементација.

Владата го формираше и Советот за следење на имплементација на стратегијата во правосудството 2017-2022, одлучија автопатот Демир Капија – Смоквица да се пушти во употреба кон средината на следниот месец, а беше основана и Националната установа „Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Македонија“ – Скопје, како непрофитна установа од областа на културата.