Владата го даде Куршумли ан на бесплатно користење во наредните 10 години

Куршумли Aн е отстапен на Амбасадата на Република Турција во Македонија и турскиот културен центар Јунуз Емре на бесплатно десетгодишно користење, од страна на Владата на Република Македонија. Одлуката е објавена во Службен весник во февруари 2016 година.

Во првиот член на одлуката пишува:

„Со оваа одлука се даваат на времено користење недвижни ствари – простории во објект, Куршумли ан – споменик на култура на улица Евлија Челебија (кат приземје, број 1, со површина од 451 м2,кат 1, број 1, со површина од 349 м2,кат 1, број 1, со површина од 524м2) сопственост на Република Македонија, на Амбасадата на Република Турција во Република Македонија – Скопје, за активностите на културниот центар – Турски културен центар Јунус Емре во Скопје.”

Во вториот член, пак, се вели дека објектот се дава без надомест на користење за период од десет години од денот на влегувањето во сила на оваа одлука.

Куршумли ан, лоциран во срцето на Старата скопска чаршија, е место во кое изминатите години се одржуваа бројни културни настани и фестивали, како „Македокс“ и Недела на дизајн во Скопје.

Од Амбасадата на Република Турција во Македонија и турскиот културен центар Јунуз Емре се уште нема официјален став за оваа одлука, ниту пак, има информации дали ќе ги наплаќаат своите настани во иднина.