Владата ги усвои протоколите за работа на базените и плажите

На денешната 76-та владина седница се усвоија протоколите предложени од Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на работата на базените и плажите во тек на пандемијата со Ковид-19, информираат од Владата.

Според Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19, освен задолжителното почитување на основните превентивни мерки, задолжително е и точно и видливо инфомирање на посетителите со информативно – едукативен материјал за посетителите во однос на почитување на основните превентивни мерки и начинот на однесување, како и со гласовно информирање за придржување кон препораките.

„Препораките опфаќаат правила за однесување на плажите кои се однесуваат на сите вработени лица и посетителите за лична заштитна опрема на лицето која што ги покрива пределот на носот и устата, достапни и видливи места за средства за дезинфекција на рацете, физичка дистанца од 1.5 до 2 метри, вклучително и при престој во вода, како и ограничување на бројот на посетители на плажата согласно квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 м² нето површина“, стои во соопштението на Владата.

Меѓу индивидуалните чадори на плажите, задолжително е да се обезбеди минимално растојание од 4 метри и растојание од 1.5 до 2 метри помеѓу лежалките поставени под соседни чадори. Лежалките треба задолжително да се дезинфицираат пред и после користењето, а секое лице задолжително мора да постави пешкир на лежалката пред да ја користи.

„Се забрануваат групните спортови (како одбојка на плажа), и задолжително е одредувањето лица кои ќе го контролираат бројот на посетители  и спроведувањето на мерките“, додаваат од Владата.

Во Протоколот стои и дека не се препорачува користењето гардероби на плажа.

Во однос на Протоколот за работа на базените во тек на пандемија со Ковид-19, покрај почитувањето на основните превентивни мерки за лична заштита, определува како задолжително пред билетарите да се обележи растојание од 1.5 до 2 метри.

„Меѓу вработениот и посетителот да се обезбеди растојание од 1.5 до 2 метри или заштитна бариера. Да се препорача и практикува бесконтактно плаќање со кредитни картички. Да се обезбеди и препорачува онлајн купување на билети“, стои во соопштението на Владата.

Пред влезот на базените задолжително треба да се постави подлога за дезинфекција на сите посетители, и да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете со известување за посетителите за задолжителна дезинфекција на рацете при влегување , но и да се постави пред влезот на сите простории во објектот.

„Задолжително е редовно информирање на посетителите, а користењето на соблекувалните е дозволено по принцип еден посетител во една соблекувална со воспоставување на ред и незадржување од страна на назначени лица од редарска служба. Зачестено да се чистат и дезинфицираат соблекувалните на секои 2 часа (по потреба и почесто). При влез во базенскиот дел, задолжително секој посетител да се истушира и да помине преку хиперхлорирана дезбариера за миење на нозете“, информираат од Владата.

Сите посетители и вработени лица задолжително треба да носат лична заштитна опрема на лицето до влегувањето во базенот, но и да одржуваат физичка дистанца од 1.5 до 2 метри, вклучително и во базенските води.

„Се ограничува бројот на посетители во објектот согласно квадратурата на објектот, максимум 15 посетители на 100 м² нето површина (вклучително и површината на базенот) или еден пливач на 7 м² во базенот, и задолжително да се одредат лица кои ќе го контролираат бројот на пливачи во базенот (согласно погоре наведениот норматив) и кои ќе го контролираат на спроведување на мерките“, соопштуваат од Владата.

Протоколот ги утврдува и останатите санитарно – хигиенски мерки и препораки за вработените кои се задолжуваат да водат евиденција за секој тренинг, организирана спортско – рекреативна активност или слободно користење на базенот од страна на граѓаните со цел полесно епидемиолошко следење во случај на појава на заразен со Ковид-19.

„За секој посетител да се обезбеди податок за време и дата на посета/тренинг, име и презиме, телефонски број за контакт, име на тренерот/група/инструктор итн“, информираат од Владата.

На базените не се препорачува користење на угостителски услуги, а за оние во состав на хотелски капацитети се препорачува почитување на горенаведените препораки, со напомена користењето на базенот да биде дозволен само за гостите од хотелот.