Владата е сила, владата е моќ, и за професорите

Наложувањето од кој учебник треба да предава професорот е упад на автономијата на факултетите, а со високите казни се закана за професорите, велат од академската фела, анализира Радио Слободна Европа.

Владата е сила, владата е моќ, и за професорите

Правно неиздржани, бесмислени и со голем број недостатоци се најновите измени во законот за високо образование, реагираат дел од универзитетските професори. Казната од околу илјада евра за професор којшто на почетокот на студиската година нема да им ја предложи на студентите литературата која ја обезбедува министерството за образование, според професор Ненад Новковски е повреда и уривање на автономијата и директна закана за професорите.

Професорот е тој којшто кажува кој учебник ќе се користи, сеедно од каде е тој учебник, каков е, итн. Методологијата на наставата и на истражувањето е основното право на професорот, што ја сочинува современата основа на академската автономија и со тоа се прави драстичен упад, целосно уривање на таа автономија којашто е основа за развитокот на современата наука“, вели Новковски.

И според професорот Илија Ацески од Филозофскиот факултет, оваа мерка е понижувачка за професорите. Проблемот е следен.

„Дел од тие содржини не соодветствуваат на ова општество во кое ние живееме, јазикот на којшто се презентира таа материја, нивото на познавањето на студентите на оваа проблематика којашто е тука присутна, којашто е актуелна за нас, не соодветствува со таа во учебниците“, вели Ацески во изјавата за РСЕ.

Височината на казните, Новковски го разбира како закана кон професорите како кон некоја категорија што го загрозува општеството, што според него е крајно неприфатливо. Постојат најразлични учебници и работа на професорот е да определи кои од нив треба да се користат.

Најновите измени во законот за високо образовани предвидуваат казна од 3 до 5 илјади евра доколку не е ажурирана веб страницата на универзитетот со новата литература за студентите која ја обезбедува и печати Министерството, а од 5 до 7 илјади евра ќе треба да плати ректорот доколку во наставата не вклучи истакнат стручњак од практиката на соодветната образовна област или ако не организира практична настава за студентите. Казна за ректорот следува и доколку не ги објави на веб страна резултатите од самоевалуацијата. Новата максималната казна предвидена за високообразовните институции изнесува 35 илјади евра.