Владата да ја промени одлуката за планирање средства за здруженија, бара Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество

Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество упати писмено барање до  Владата во кое што се бара да ја преиспита и промени својата одлука за планирањето средства за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации во државниот Буџет за 2022 година.

Покрај ова, Советот бара во Предлог-Буџетот на Владата да се предвидат 30.000.000 денари наменети за финансирање на здруженија и фондации.

Средствата за кои се однесува оваа реакција се средства кои врз основа на Законот за здруженија и фондации се распределуваат на граѓански организации во согласност со Одлуката на Владата за критериумите и постапката за распределба на средства за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации од Буџетот на Република Северна Македонија.

„Овие средства веќе подолг временски период се предвидуваат во Раздел 04001 – Влада, меѓутоа со Предлог-Буџетот за 2022 година, од непознати причини, средствата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2022 година се испланирани во Раздел 04010-Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, во Потпрограма 11 со наслов „промоција на меѓуетнички односи“, што наведува само еден приоритет. Напоменуваме, дека секој орган на државната управа врз основа на програма може да распределува средства за прашања од сопствениот делокруг за работа (чл. 49 ст. 3 од Законот за здруженија и фондации), меѓутоа со оглед дека улогата на Владата е да ги идентификува приоритетите кои се од значење за финансирање за целокупното општество, неопходно е финансиските средства да бидат испланирани во Раздел 04001 – Влада“, стои во реакцијата на Советот.

Според нив, ваквите измени во распределбата на средствата наменети за граѓанските организации, без претходна консултација со Советот значат негирање на улогата на Советот и минимизирање на неговите досегашните напори за унапредување на системот на финансирање на граѓанските организации.

„Напоменуваме дека, Програмата за работа на Владата за периодот 2020-2024 предвиде сеопфатна реформа во системот на државно финансирање. Во таа насока во постапка е формирање на работна група за реформа на системот на државно финансирање на граѓанските организации. Оваа работна група треба врз основа на досегашните анализи и во транспарентен и инклузивен процес да предложи модел во кој ќе се врши распределбата на државните средства кон граѓанските организации. Сè додека не се усвои нов модел на државно финансирање сметаме дека не треба да има експериментални начини на финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите, ниту промени во однос на буџетските корисници кои располагаат со овие средства“, стои во барањето на Советот.

Тој беше формиран како советодавно тело на Владата за унапредување на соработката, дијалогот и поттикнување на развојот на граѓанското општество во изминативе три години.

Тие се надеваат дека Владата ќе ја земе предвид нивната реакција со оглед дека Предлог-Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година е веќе во собраниска процедура.