Владата да го раскине договорот за изградба на малата хидроцентрала „Рибничка 7“ во НП Маврово, реагираат организации

Вкупно 37 граѓански организации, факултети и професори вчера поднесоа барање до Владата да не го продолжува Договорот за изградба на малата хидроцентрала „Рибничка 7“ во Националниот парк Маврово и еднострано да го раскине договорот за оваа хидроцентрала, склучен во 2015 година.

Оттаму потсетуваат дека рокот за изградба и почеток на работење на „Рибничка7“ истекува на 07 мај годинава, а според важечкиот договор, доколку не се почитува овој рок, Владата има право еднострано да го раскине истиот.

„Ова е одлична прилика за Владата да покаже дека зад изјавите дека сака да спречи изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја и бара начини како тоа да го стори стои вистинска намера“, се вели во здружената реакција.

Во неа се наведува дека откажувањето на малите хидроцентрали во НП Маврово е препорака која Бернската Конвенција ја повторува од 2015 година, а во декември 2021 година конвенцијата прецизира дека од Северна Македонија се бара да ги суспендира и откаже сите одобрени концесии за мали хидроцентрали на територијата на НП Маврово, и да спроведе забрана за секакви хидроцентрали во националните паркови, подрачјата на светско наследство и другите заштитени подрачја.

„Хидроцентралата „Рибничка 7“, освен што е во рамки на НП Маврово, исто така е во непосредна близина на ново-прогласеното Светско природно наследство во нашата земја – Буковата шума во долината на Длабока Река, која со Одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 44 сесија во јули 2021, стана дел од досието „Древните и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“, алармираат активистите и експертите.

Тие посочуваат дека спорведувањето на меѓународните ратификувани договори, како Бернската Конвенција, според Уставот е дел од внатрешниот правен поредок на државата, а законите ја посочуваат токму Владата, заедно со Претседателот, како одговорни за спроведување на ваквите договори.