Владата бара кризната состојба поради мигрантите да продолжи уште шест месеци

Наместо до 31 декември годинава, кризната состојба на јужната и северната граница поради мигрантската криза да трае до 30 јуни 2017 година, овој предлог ќе се разгледува денеска на собраниската Комисија за одбрана и безбедност и Законодавно правната комисија.

Продолжувањето на кризната состојба е на барање на Владата за обезбедување континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи, во обезбедување, заштита и чување на државната граница.

Кризната состојба поради мигрантската криза беше воведена кон крајот на август минатата година, кога десетици илјади мигранти од подрачјата зафатени со војни на Блискиот Исток и во Северна Африка транзитираа низ територијата на земјава на пат кон западноевропските земји. Собранието на барање на Владата неколкупати го продолжуваше траењето на кризната состојба, а последен пат ваква одлука беше досена на 18 март оваа година. Со таа одлука, вонредната состојба на јужната и на северната граница беше предвидено да трае до 31 декември 2016 година.

Гласањето по овој предлог за продолжување на кризната состојба ќе се одржи на пленарна седница в четврток.