Влада: Во кино и театар со две дози вакцина, децата со атипичен развој без маски во училиште

Владата на синоќешната 112-та седница донесе повеќе заклучоци и одлуки со кои ги изменува и дополнува дел од Ковид-19 протоколите, врз основа на препораки на Комисијата за заразни болести.

Па така, при организирање настани во затворен простор (театри, кина, филхармонија и други), каде дозволениот процент на исполнетост на салите за организирање настан во овие простори беше до 30%, се зголемува на 50%.

„Во врска со овој протокол, се воведува и условот посетителите да бидат вакцинирани со две дози со вакцина против Ковид-19, a останува обврската на организаторот да ги спроведува и контролира сите останати препорачани превентивни мерки за спречување на ширење на вирусот и да организира редарска служба за контрола на мерките“, стои во владиното соопштение.

На оваа седница беше прифатено и барањето на Агенцијата за млади и спорт да се дозволи организирање и учество на натпревари во сите спортски во категориите пионери, младинци и кадети без приложен сертификат за вакцинација, со заклучок дека останува препораката да се вакцинираат сите за кои е одобрена вакцинацијата, вклучувајќи ги и децата и младинците од 12 годишна возраст натаму.

Покрај ова, Владата вчера донесе и заклучок дека децата со посебни потреби или со пречки во развојот, можат да бидат ослободени од обврската за задолжително носење маска во училиштата доколку приложат лекарска потврда за нивната состојба.