Влада: Системот за справување со мигрантската криза е подготвен и функционален

Владата на денешната 13-тата седница заклучи дека системот за справување со мигрантската криза е подготвен, а побара зголемување на бројот на полиција и војска на јужната граница.

„Владата донесе повеќе заклучоци кои тргнуваат од фактот дека Северна Македонија веќе има воспоставен систем за управување со мигрантската криза кој е подготвен и функционален за да одговори на предизвиците како транзитна земја, и дека дел од тој систем е постојаната комуникација со партнерите на нашата земја во НАТО и ЕУ, како и со сите земји во регионот“, стои во владиното соопштение.

Истовремено Владата одлучи дека има потреба од зголемување на бројот на полициски службеници на јужната граница.

„Во таа насока е и заклучокот на Владата да се побара од земјите со кои Северна Македонија непосредно соработува со нивните полициски припадници на нашата јужна граница, да се зголеми бројот на полициски службеници, кои со зголемениот број на припадници од Министерството за внатрешни работи и на Армијата ќе ги споделат оперативните ангажмани во случај на раст на бројот на мигранти“, се додава во владиното соопштение.

Владата одлучи да побара и да ја прифати веќе понудената техничка помош од Интернационалната организација за миграции (ИОМ), од УНДП, УНХЦР, како и од Европската Комисија и другите интервентни фондови за Министерството за внатрешни работи и за Министерството за одбрана, вклучително и обезбедувањето на резерви со храна, вода и друг потрошен материјал.

Во однос на актуелната состојба со новиот коронавирус, на денешната седница е усвоена потребата за  набавка на две термални камери, опрема за ЈЗУ Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, и лична заштитна опрема за Министерството за здравство и останатите институции вклучени во активностите во врска со Корона Вирусот COVID-19.  Исто така го задолжи Министерството за образование и наука да изготви план за дистрибуција на алкохолен дезинфициенс со широк спектар на микробиоцидно дејство до основните и средните училишта.