Влада: По 3000 евра за песни за семејни вредности и многудетно семејство

Вкупно 200 песни годишно ќе бидат финансирани од Владата, која со ова се обидува да го „развие музичкото творештво во Македонија“, најави владиниот портпарол Александар Ѓеорѓиев. Авторите на избраните композиции ќе добијат по 3.000 евра за трудот.

Меѓу поп и фолк-песните за кои авторите ќе добијат државни пари, десет ќе ги пеат „музички таленти“, дваесет „афирмирани изведувачи“, триесет и пет ќе бидат од „истакнати изведувачи“, триесет и седум од „врвни изведувачи“, дваесет песни од „ѕвезди“, десет ќе бидат со тематика за „семејните вредности или многудетните семејства“, а десет ќе ја имаат историјата на Македонија во своето сиже.

Музичките ѕвезди, кои ги исполнуваат критериумите утврдени со закон, ќе добијат 4.500 евра од композиција. Вкупно педесет детски песни ќе бидат наградени со 400 евра.

Како што истакна портпаролот на владата, Александар Ѓорѓиев, веќе во закон е утврдено кои критериуми треба да ги исполнува еден изведувач за да влезе во категоријата „ѕвезда“, „афирмиран изведувач“, „музички талент“, „истакнат изведувач“ и „врвен изведувач“.

-Селекцијата ќе ја прават музичките изведувачи, бидејќи цениме дека тие најдобро ја познаваат состојбата. Ќе има јавен повик во октомври каде изведувачи и продуценти ќе конкурираат за да влезат во рамките на листата која ќе одлучува за финансирањето.  Конкурсот ќе трае 30 дена и ќе се формира група од 50 лица од кои подоцна ќе биде избрана комисијата. Конкурсот за изведувачите ќе биде распишан во јануари и ќе трае еден месец – соопшти владиниот портпарол Александар Ѓоргиев.

Фондот за доделување државни пари на естрадни уметници беше најавен пред неколку месеци.

Извор: Плусинфо