Влада: Нов Закон за абортус и соработка со Германија за реконструкција на студентските домови

По предлог на Министерството за здравство, Владата вчера го разгледа и усвои Предлог – законот за абортус со кој се укинуваат постојаните административни процедури.

Со новиот Предлог-закон, жените веќе нема да имаат потреба да чекаат три дена по советувањето за да биде спроведена интервенцијата, нема да бидат принудени да објаснуваат зошто сакаат да ја прекинат бременоста и никој друг нема да решава за прекинот на бременоста, информираат од владината прес-служба.

„Со измените на Предлог-законот, се остварува правото на жената за безбеден прекин на бременоста и укинување на постојните административни процедури-бариери кои го одолговлекуваа спроведувањето на постапката за прекин на бременоста. Новиот Закон предвидува прекинувањето на бременоста да може да се изврши до истекување на дванаесеттата гестациска недела со писмена согласност од бремената жена. Ако бремената жена е малолетна или и е одземена деловната способност, прекинувањето на бременоста може да се изврши со писмена согласност од родителот, односно старателот на бремената жена. Пред зафатот за прекин на бременоста лекарот е должен да  ја информира жената за постапката за прекинување на бременост, што може да се очекува за време на прекинувањето на бременоста и по завршувањето на постапката, за методите на контрацепција пред и по спроведувањето на прекинување на бременоста на начин разбирлив за жената, за да може да донесе одлука и да даде изјава за согласност. Овој закон и дава право на жената соодветно да одлучи за прекинување на бременоста до 22 гестациска недела, а не како до сега до 12 недела“, соопштуваат од Владата.

На седницата, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за можноста за обезбедување на техничка помош од германската влада за реконструкција на студентските домови во Македонија. Го задолжи Министерството за образование и наука да подготви ранг листа на студентските домови во Македонија по приоритет за инвестирање.

Покрај ова, на седницата се разгледа и усвои Информацијата за  проектот за „Изработка на проектна документација за велосипедски патеки во одбрани градови во Македонија“. Проектот првично ќе ги опфати градовите Скопје, Тетово, Штип и Охрид.

Исто така, Владата го задолжи Министерството за култура да спроведе постапка за пренамена на Објектот со скулптурална композиција (споменикот на Мајка Тереза)  и да распише јавен конкурс за идејно решение за пренамена на објектот. За резултатите од спроведените активности, Министерството треба да ја информира Владата во рок од 5 месеци.