Влада: Извештајот на УНЕСКО е аларм за Охридскиот регион, потребна е ангажираност за сите ризици за Езерото

Премиерот Зоран Заев вчера одржал координативен состанок заедно со претставници на Владата, на кој се анализирале наодите во нацрт извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион, информираат од Влада.

„На почетокот на работниот состанок, премиерот Заев уште еднаш ја реафирмираше определбата на Владата да се зачува статусот на Светско наследство на Охридскиот регион со цел заштита на регионот, владеење на правото и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, имајќи ги предвид реалните ризиците и можноста Охридското Езеро и неговото природно и културно наследство да биде прогласено за загрозено подрачје“, соопштуваат од Владата.

Во таа насока, велат од таму, Заев истакнал дека нацрт извештајот на УНЕСКО треба да се прифати како уште еден, до сега најсилен аларм за состојбата со Охридскиот регион и дека сега се налага огромна потреба за највисоко ниво на ангажираност кај сите чинители за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат Охридското Езеро.

„Беше потенцирано дека Владата ќе инсистира на завршување на процесот на отстранување на сите бесправно изградени објекти кои се опасност за Охридскиот регион и за таа цел ќе се организираат иницијативи со градоначалниците на Охрид, Струга и Дебарца, за секоја институција итно да ги преземе сопствените одговорности, како и да се спроведе поништување на сите аспекти од штетните проекти кои се наследство од минатото како што се, на пример, проектите на Субрата Рој и Владата до 2016 година, Љубаништа 1 и 2“, велат од Владата.

Исто така, додаваат тие, на состанокот било нагласено дека Владата ќе преземе сѐ што е во нејзина надлежност, меѓу што и активности за координација со Владата на Албанија за прашања од заеднички интерес за заштита на Охридското Езеро и крајбрежниот појас.

„Дополнително, на средбата беше договорено Владата да преземе итни чекори за стручно кадровско екипирање во најрелевантните институции како што се Завод и музеј Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Управата за заштита на животната средина и другите институции во сферата на заштита на животната средина, а истото се очекува да го направат и општините во своите надлежности. На состанокот е договорено да продолжи координацијата меѓу надлежните институции со забрзано темпо и до УНЕСКО да биде доставен соодветен одговор по однос на алармантниот драфт извештај, а штом се заврши темелната анализа сите наоди ќе бидат презентирани пред јавноста од страна на Премиерот и сите останати релевантни носители на јавни функции“, стои во соопштението од Владата.

Инаку, извештајот на УНЕСКО, меѓу другото, упати итни барања за отстранување на дивите објекти на брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, но и усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

Исто така, заштита на старата градска архитектура, отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот и сончевите колектори од куќите во Стар Град. Понатаму, УНЕСКО бара да се ограничи и издавањето на дозволи за градба согласно Планот за управување со регионот и ќе каже дека во Стар Град не може да се поставуваат тенди, настрешници и останати реквизити со кои се нарушуваат визурите околу знаменитите објекти од културно историското наследство, конкретно посочувајќи ги тендите на летните тераси околу црквата Света Софија.

Извештајот наиде на остри критики од јавноста, активистите на Охрид СОС ги посочија владините институции и општините дека се неодговорни кон единственото УНЕСКО подрачје, а Фронт 21/42 побара од претседателот Стево Пендаровски да се донесе забрана за урбана или крајбрежна трансформација во Охридскиот регион.