Влада: Граѓаните не треба да се пријавуваат за домашната платежна картичка, ќе можат да се проверат на интернет

Од Владата на Република Северна Македонија информираат дека граѓаните нема потреба да се пријавуваат за да ја добијат домашната платежна картичка, додавајќи дека институциите веќе изготвуваат листа на сите кои ги исполнуваат условите и граѓаните наскоро преку интернет ќе можат да проверат дали им следува ваква картичка.

„Корисниците ќе ја добијат домашната платежна картичка на домашна адреса или ќе можат да ја подигнат од банката издавач, без да аплицираат. Наскоро, на страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk, граѓаните ќе може да проверат дали им следува, односно дали се корисници на некоја од платежните картички и која е нивната банка издавач. Корисниците ќе бидат исконтактирани од банките. Целиот процес е направен да биде максимално едноставен за корисниците, без пријавување или аплицирање, туку институциите да ја завршат целата постапка за нив“, велат од Владата.

Домашни картички од 3.000 денари ќе им следуваат на млади лица, како и вработени со низок доход. Додека невработените граѓани, кои се евидентирани како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување, и примателите на социјална помош, ќе добијат картичка со 9.000 денари.

Домашна платежна картичка од 40% од нето платата, според најавите од Владата, ќе им следува на здравствените работници ангажирани во справување со Ковид-19.

Домашната платежна картичка ќе може да се користи за купување македонски производи и услуги во угостителските објекти, во продавниците за храна и пијалаци, туристичките капацитети, пазарите, аптеките, козметичките салони и други дејности.