Влада: Гасификација, забрана за користење јаглен и евентуално враќање на исклучените од парно греење

Владата го усвои извештајот на работата на интерсекторската група за загадувањето, составена од 17 државни институции и граѓански и еколошки организаци. Извештајот се однесува на загадувањето на воздухот од цела Македонија, а денеска Владата презентираше само дел од него, одредени мерки.

„Лоцирани се изворите на загадување. Според овој извештај, загревањето на домовите, односно греењето, е најголем загадувач на воздухот. Некои од мерките што ќе бидат предвидени, за кои се дискутира и ќе бидат задолжени одредени институции се: ќе треба да се оформи процес на евентуално враќање на исклучените граѓани од системот на централно греење на Град Скопје. Ќе треба да се направат законски измени за обврска на секој инвеститор при добивање градежна дозвола да приложи проект за начинот на затоплување на објектот. Ќе се предвидуваат субвенции и стимулации за нови видови загревање.

На долг рок, една од мерките предвидува и забрана за користење јаглен за загревање на домовите. Ова е мерка што треба да се имплементира до 2021 година. Гасификацијата исто така ќе биде мерка која на долг рок ќе придонесе за сериозно намалување на загадувањето“, рече Миле Бошњаковски, портпаролот на Владата.

Тој додаде дека целосниот извештај дополнително ќе го презентира Министерството за животна средина и просторно планирање и интерсекторската група.